Семејството е поважно од фудбалот: Мислите на Давид Силва кон прерано родениот син

Шпанскиот интернационалец Давид Силва се врати во тимот на Манчестер сити и го одигра синоќешниот меч против Ватфорд (3-1) во Премиер – лигата, но доби дозвола од менаџерот Пеп Гвардиола повторно да го нема на неодреден период. Причината е јасна, семејството е поважно од фудбалот.

Давид Силва и претходно беше на релација меѓу клиниката каде неговиот прерано роден син Матео се бори за живот, и фудбалскиот терен, каде го очекуваат професионалните обврски со Манчестер сити. Но, сите во клубот, а посебно менаџерот Пеп Гвардиола, имаат разбирање и му даваат полна поддршка на Шпанецот да биде со своето семејство.

„Би сакал да ви се заблагодарам на сите за убавите пораки и знаците на поддршка што ми ги давате во изминатите неколку седмици, а посебна благодарност до соиграчите, тренерот и сите во клубот, затоа што потполно ја разбираат мојата ситуација. Исто така, сакам да ја споделам со вас веста за мојот син Матео, кој се роди порано од предвиденото, и од ден на ден се бори да преживее со помошта на медицинскиот тим“, напиша Давид Силва на Твитер.

Се вчитува...