Сензација: Чориќ ја прекина серијата на Федерер во Хале

Борна Чориќ приреди сензација во финалето во Хале, совладувајќи го големиот Роџер Федерер со 2-1 во сетови, воедно и прекинувајќи ја неговата фантастична серија на овој турнир. Имено, Федерер во кариерата има девет пехари од Хале, на последните 20 меча имаше исто толку победи, но Швајцарецот сепак не успеа да стигне и до „десетката“ во колекцијата на трофеи.

Како пресуден се покажа првиот сет во кој Федерер во тајбејкот имаше две шанси за водство при 6-4, но не се снајде најдобро и Чориќ триумфираше со 6-8. Првиот носител потоа го доби вториот сет со 6-3, но Чориќ заигра најдобро кога беше најзначајно, при 2-2 во решавачкиот сет освои четири гејма во низа и заслужено стигна до пехарот.

Ударот е уште поголем ако се знае дека Федерер со овој пораз го губи и првото место на АТП-листата, па нема да ја има ниту улогата на прв носител на Вимблдон, што ќе му припадне на Рафаел Надал.

Се вчитува...