Сензација во Автокоманда: Радовиш во фото-финиш славеше над Пелистер 2 за место во Суперлигата

Ракометниот клуб Радовиш во следната сезона ќе се натпреварува во суперлигашката конкуренција откако во баражот за пласман во елитата славеше против фаворизираниот Пелистер 2 со 26-27 во драматична завршница во која херој на радовишани беше Здравко Постолов.

По изедначеното отварање на средбата фаворизираните битолчани со мини серии успеаја да стекнат предност од 14-9 на полувреме, а потоа да ја одржуваат предноста и во дел од второто полувреме за 19-16, но како што одминуваа минутите во вториот дел од средбата Радовиш успеа да се врати во игра.

Мини сериите ја преполовина негативата, а самата завршница беше целосно во знакот на радовишни. Избраниците на тренерот Долдуров го превземаа моментумот па успеаја и да поведат со 25-26 во последните 20 секунди од мечот. Калајџиовски од седум метри изедначи на 26-26, а последниот обид на Радовиш дојде по истекот на времето со тоа што Постолов реализираше од слободен удар за големо славје во Автокоманда.

Со седум голови Мијушковиќ беше прво име кај Пелистер 2, додека херојот Постолов постигна осум за Радовиш.

Се вчитува...