Сензација во Романија – Динамо Букурешт го најде решението за Веспрем

Динамо Букуршет приреди нова сензација во Лигата на Шампионите откако на домашен терен славеше над фаворизираниот Веспрем со 31-29, што е само втора победа за овој тим по сензационалниот триумф над Кјелце на самото отварање на сезоната.

Романците беа подобриот противник во поголемиот дел од натпреварот, а во првото полувреме имаа и предност од четири гола. Сепак унгарскиот претставник успеа истата да ја намали на само еден гол негатива по 30. минути игра (14-13).

Во второто полувреме Веспрем во два наврати успеа и да поведе, но не и да го задржи темпото и да најде решение за расположениот Динамо. Романците во вториот дел од мечот повторно стигнаа до предност од четири гола, а во финишот одолеаја и на налетот на унгарскиот тим кој успеа да стигне до изедначување, но не и да поведе.

Елверум ја продолжи агонијата на Мешков Брест откако славеше на гостувањето во Белорусија со 27-30. Гостинскиот состав беше подобриот противник од самиот почеток на мечот, а со серијата од 3-0 се искачи на предност од 7-10 и истата беше задржана на полувремето (11-14).

Добрата игра продолжи и во вториот дел од мечот при што Елверум во неколку наврати стигаше и до највисоката предност од шест гола, но до крајот Белорусите успеаја да го ублажат поразот кој за нив е петти во сезоната.

Се вчитува...