Серафимов: На секој репрезентативен собир доаѓаме со максимален мотив…!

Македонската фудбалска репрезентација ќе има можност единствено преку престојните два пријателски натпревари со Финска (17. ноември) и Азербејџан (20. ноември) во Скопје да реализира подготовка на тимот со кој ќе располага селекторот Благоја Милевски за квалификациите за ЕП 2024 кои почнуваат во март следната година.

Ова се единствените тест-дуели кои Македонија ќе ги има пред мартовскиот квалификациски почеток па и единствена можност за селекторот Милевски околу креирањето на тимот кој ќе треба да го бара патот до ЕВРО 2024.

Избраниците на Благоја Милевски денеска ги реализираат финалните подготовки пред утрешниот дуел со Финска кој се игра од 18 часот на арената „Тодор Проески“ во Скопје.

Дефанзивецот на унгарски МОЛ Фехервар, Никола Серафимов, кој се повеќе се наметнува како еден од најдобрите македонски дефанзивци и во репрезентативниот состав верува дека двата тест-дуели ќе бидат добра проверка пред новиот квалификациски циклус за ЕП.

„Секој натпревар во дресот на Македонија е значаен. Токму со такво размислување ги очекуваме и престојните два пријателски натпревари на кои секако посакуваме победи. Веруваме во сопствените квалитети иако утре не очекува навистина квалитетен противник како Финска. Секогаш кога доаѓаме на репрезентативните собири доаѓаме со максимален мотив, желни за добри резултати“ – вели Серафимов.

Се вчитува...