СЕРИЈАЛ НА ДАРКО ПАНЧЕВ – „ТАЈНИТЕ НА ГОЛЕМИОТ ВАРДАР“ (5): 18-те вардарови младинци кои го нападнаа Баден-Баден!

Дарко Панчев

Преку серијал свои текстови, најголемото македонско фудбалско име во историјата, Дарко Панчев, а како постепена најава на 80-годишнината од формирањето на најтрофејниот македонски клуб, низ наредниот период, за ЕКИПА, ќе долови ексклузивни, досега нераскажани, приказни од најпрепознатливите 60 бисерни вардарови натпревари, преку кои на вистински начин се откриваат тајните каде всушност лежи големината на црвено-црните бои. Зошто Вардар е незаменлив дел од македонската историја. Зошто брендот е жив до ден-денешен. Која е душата на неговото постоење? Кое е неговото најголемо богатство – вистинскиот темел на брендот Вардар!?

=========================================================

ПРЕТХОДНО ЧИТАВТЕ (4): Златко Илиевски – првиот во редот на моите „создавачи“!

ПРЕТХОДНО ЧИТАВТЕ: (3) Мечот на кој легендарниот Шекуларац играше за Вардар на „Градски“

ПРЕТХОДНО ЧИТАВТЕ: (2) Освоена Сардинија, овациите од Италијанците – „Bravissimo Vardar…“, „лажниот пречек“ во Сплит

ПРЕТХОДНО ЧИТАВТЕ: (1) Битката на „Давид и Голијат“ – Легендарниот Џиџи Рива и Каљари потклекнаа на „Градски“!

=========================================================

„Искористи ја својата младост за да имаш сеќавања кои секогаш ќе те направат горд на своето минато. Затоа што младоста е таа која силно верува дека светот може да се подобри. Затоа што, младоста е таа која знае дека за неа неизбежно постои иднина!“

Оваа мисла на нашиот ненадминлив Блаже Конески, секогаш некако потајно се врежува во моите мисли кога ќе ја слушнам приказната за 18-те вардарови младинци кои пред точно 60 години ги покорија Германија и моќниот Баерн Минхен. А, за жал, само малкумина во Македонија знаат за таа приказна од германски Баден-Баден… Приказна која восхитува, приказна која мотивира, приказна која верува во подобра иднина.

ПРВ НАСТАП И ВЕДНАШ ФИНАЛЕ СО БАЕРН МИНХЕН

Таму некаде, во мај 1965 година, 18 млади момци на ФК Вардар завршувајќи го предвидениот физички тренинг на кејот на реката Вардар, седнуваат на мал одмор токму зад голот на северната страна од помошното игралиште, што граничи со популарниот Кампинг. Погледите им се насочуваат кон сениорите кои, пак, токму тогаш го привршуваат својот тренинг, пред љубопитните очи на нивните наследници, чиј сон секако е првиот тим на клубот. Доне Божиновски, капитен на екипата, Александар Пановски – Мац, Алберт Цветиниќ, Димитрија Георгиев, Мицко Николовски, Кире Николовски, Кире Пеев, Никола Пеповски, Драги Павловски, Љубиша Цветановски, Ванчо Балевски, Дончо Сеизов, Звонко Петровски, Идриз Сулејманов, Јуда Рамаданов, Тасе Тасевски, Слободан Петровски и Јован Панговски е групата вардарови младинци кои тој мај 1965 година, предводени од Урош Петровски (тогаш тренер на младинскиот тим на Вардар) се подготвува вторпат едноподруго да учествува на силниот меѓународен младински турнир во Реинфелден, во регионот на Баден, Германија.

Капитените Доне Божиновски и Диме Георгиев по пристигнувањето во Реинфелден пред големиот интернационален турнир

А, сето тоа откако една година претходно, пак, оставија феноменален впечаток на истиот турнир по една сосема ненадејна покана, во мај 1964 година, да учествуваат на еден од најсилните младински собири во Европа во тоа време. И, без размислување, иако недоволно подготвени, ја прифатија. И така неподготвени, на силниот интернационален турнир организиран од големиот Баерн Минхен, со две победи и едно реми во групната фаза, се пласираа во финалето. На патот до финалето Вардар ќе се соочи и со екипата на Карлсруе, во меч во кој ќе се издвои и Ванчо Балевски – Змија, кого години потоа „божјиот прст“ ќе го насочи токму кон истата екипа каде ќе заврши во својата сениорска кариера.

Но, четирите натпревари во само осум дена, долгото патување со воз до Баден-Баден, очигледно добро ќе го оданочат финалето против гигантот Баерн Минхен. Одлично селектираниот баварски тим, а предводен и создаден од легендарниот Златко Чајковски, некогашен југословенски репрезентативец, умешно ќе ги искористи своите физички предиспозиции и низ голема борба на теренот ќе дојде до одлучувачка предност во самиот финиш од средбата за минимална победа од 1-0. Нашите вардарци нема така лесно да се предадат, одговарајќи со голема борбеност и далеку подобра техника, но ќе останат нереализирани две 100% можности за погодок, колку за да се дозволи Баерн Минхен со гол во последните минути од натпреварот, и тоа со автоголот на Звонко Петровски, да дојде до трофејот таа 1964 година. Сеп, Франц, Герд, Берти и Ханс ќе го однесат победничкиот пехар во Минхен.

Младинските тимови на Баерн Минхен и Вардар пред финалето во 1964 година во Баден Баден – „Вардарци“ се со пругасти дресови (тогаш се уште во црвено-белите бои на клубот) во долниот ред

А, за Вардар… Ќе останат нескриени огромните пофалби во германските медиуми и од европскиот фудбалски свет, ќе останат и позлатените часовници за награда но и, по едно такво беспрекорно издание, веднаш добиената покана за учество на турнирот и следната година, и повторно да ги одмерат силите со најдобрите, во таа возрасна конкуренција, во Европа. Без сомнение, големо признание за анонимниот, но повеќе од талентиран, тим од далечната, зад железната завеса, Македонија.

ИДРИЗ СУЛЕЈМАНОВ ПРОГЛАСЕН ЗА НАЈДОБАР ИГРАЧ, ГЕРМАНСКИ БРАЧЕН ПАР СО ЖЕЛБА ДА ГО ПОСВОИ!

Германските медиуми посветија огромно внимание на Идриз Сулејманов кој беше прогласен и за најдобар играч на турнирот!

Ќе остане запаметено и дека Идриз Сулјеманов, левото крило на скопската екипа, ќе биде прогласен за најдобар играч на турнирот. Но, со еден повеќе од интересен куриозитет… Еден германски брачен пар, воодушевен не само од играта туку и од однесувањето и пристојноста на младиот чаирчанец, ќе се осмели дури и да разговара со претставниците на ФК Вардар за да ја искажат својата желба да го посвојат Сулејманов. Се разбира, Урош Петровски, без многу размислување, ќе го одбие нивниот непристоен предлог.

„Кога се потсетувам на тоа наше прво учество во 1964 година, мора да признаеме дека не му пристапивме добро подготвени на предизвикот. И клубот, а и ние самите, кога тргнавме на пат кон далечната, дотогаш за нас апсолутно непозната ‘црна шума’ – Шварцвалд не бевме свесни за нивото и квалитетот на противничките тимови“ – се сеќава еден од најдобрите вардарови фудбалери Диме Георгиев.

„Ние тоа гостување си го сметавме само како уште еден турнир од многуте на кои претходно настапувавме ширум Југославија а на кои секогаш успешно се претставувавме. Го прифативме патувањето само како една убава авантура и да ја видиме Германија, за која дотогаш само сме слушале, добивајќи тогаш првпат и лични пасоши кои беа вистинска реткост и скапоценост во тоа време за луѓето од нашата земја. И што е најважно, ние и по враќањето уште долго време потоа не бевме свесни против кого сме играле во финалето! Што сме постигнале и како сме го репрезентирале Вардар и југословенскиот фудбал ќе ни стане јасно веќе во следните години. А, и од клубот воопшто не обрнаа тогаш некое посебно внимание на успехот!“.

НИКОЈ НЕ МОЖЕШЕ ДА ПОВЕРУВА ДЕКА ТОА СЕ ДЕЦА СЕЛЕКТИРАНИ САМО ОД ТОГАШ 50-ИЛИЈАДНОТО СКОПЈЕ

Но, обрнаа внимание Германците кои не можеа да поверуваат дека тој Вардар е составен и селектиран само од деца од маалски тимови од тогаш 50-илијадното Скопје.

„Ги изненадивме и навивачите, но очигледно, и сите стручни европски лица кои беа присутни тогаш на натпреварите. А, ги имаше многу. Тие тогаш многу добро знаеја за вредноста и квалитетот на тој феноменален млад тим на Баерн Минхен, селектиран ширум 50-милионската Германија. Многу добро знаеја за условите во кои се подготвуваат, за вниманието кое им се посветува од најстручните фудбалски германски лица, па никако не можеа да поверуваат во вистинитоста на информацијата која им ја сервираше Урош Петровски. Дека, тој Баерн Минхен, селектиран од 50-милионска Германија, наспроти себе еднаков на терен го има нашиот Вардар, со селектирани деца од маалски тимови од град кој има само 50 илјади жители. Дека тој Баерн Минхен наспроти себе има деца од клуб со крајно скромни услови за работа, дури и кога би се споредувал и со другите југословенски клубови кои ним им беа познати како Црвена Звезда, Партизан, Динамо Загреб, Хајдук…, а да не одиме за подалеку. Не можеа да поверуваат дека играат против децата на клубот од Градскиот парк и неговото едно и единствено помошно игралиште, на кое буквално тренираа сите генерации на Вардар, од најмладите пионери па до сениорите“ – вели Диме Георгиев.

Беа изненадени Германците. Но, вистински ќе бидат изненадени следната 1965 година кога децата на Вардар, водени од Урош Петровски, сега на истиот турнир патуваат во сосема поинаква атмосфера. Со победнички дух и максимална амбиција! Да ја искористат младоста за да засекогаш гордо се сеќаваат на своето минато, оставајќи вредни спомени за Вардар и за Македонија!

ПРОДОЛЖУВА: Полни актовки, Баерн Минхен на колена и освоениот „кајзеров пехар“!

Се вчитува...