Севилја загуби нови бодови на домашен терен откако тимот од Андалузија неочекувано беше поразен пред своите гледачи од Осасуна од 2-3. Овој натпревар ќе биде запаметен по вториот погодок за гостите, што впрочем беше автогол на домашниот дефанзивец Фернандо по катастрофалната реакција на голманот Боно.
Осасуна подобро го почна натпреварот и по еден промашен зицер заслужено поведе со голот со глава што го постигна Гарсија. Гостите набрзина дадоа и втор гол, што по долго разгледување со ВАР беше поништен поради минимален офсајд.
Суперинтересно беше второто полувреме, најпрвин Гудељ со еврогол израмни на 1-1, а само неколку минути подоцна бевме сведоци на најсмешниот автогол сезонава, откако Боно излезе да боксува и ја промаши топката, таа го удри во главата Фернандо и заврши во мрежата на Севилја.
Домаќините не се предадоа, со прекрасниот погодок на Ен Несири успеаја да стигнат до израмнување од 2-2, но немаа сили за целосен пресврт и освојување на трите бода на овој натпревар. Не само што тоа не се случи, туку Осасуна и по трет пат успеа да поведе, преку младиот Абде со 2-3, резултат што се покажа како конечен на овој натпревар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА