Шабани верува во пласман во плејофот: Не смее да има опуштање, мора да дадеме се од себе!

Струга Трим Лум денеска од 20 часот во Луксембург ќе го одигра реваншот против Свифт Есперанж во третото квалификациско коло од Конференциската лига.

Победата со резултат 3-1 од првиот меч во Скопје му дава за право на македонскиот шампион да се надева на пласман во плејоф рундата за место во групната фаза во Конференциската лига.

Капитенот Буњамин Шабани пред мечот вели дека тимот е подготвен за надигрување, на крај со позитивен епилог и продолжување понатаму на европската сцена.

„Максимално сме фокусирани на денешниот втор дуел. Не смее да има опуштање, знаеме дека имаме работа со многу квалитетен противник и затоа заборавајќи го првиот дуел почнуваме од нула. Верувам дека ќе ги исполниме сите замисли на тренерот во тактичкиот дел и се надеваме дека ќе продолжиме со квалитетни игри на гости, како и досега во Европа. Воопшто не е мала работа да се оди во плејоф во Конференциската лига, за секој фудбалер тоа е нешто многу големо и важно, па затоа и не ни е потребен некој дополнителен мотив за денешниот дуел. Се надеваме дека успешно ќе го заокружиме овој двомеч и ќе се пласираме во следната рунда европски натпревари“ – вели Шабани.

Натпреварот меѓу Есперанж и Струга Трим Лум е закажан за 20 часот на „Стад де Луксембург“, а ќе го суди Метју де Габриеле од Малта.

Се вчитува...