Шалке со џиновска услуга за Борусија Дортмунд, Чурлинов е „џокерот“ на Штутгарт

Шалке и Борусија Дортмунд со години се омразени регионални ривали, но „сино-белите“ од Гелзенкирхен денеска им направија џиновска услуга на „милионерите“ со триумфот над Ајнтрахт од 4-3. Шалке е секако испаднат, но одигра одличен офанзивен меч и успеа да го изненади големиот фаворит, кој е директен ривал на Борусија во трката за четвртото место и пласманот во Лигата на Шампионите за наредната сезона. Така, токму благодарение на големиот ривал „милионерите“ ќе имаат можност утре со победа над Мајнц да ја осигураат четвртата позиција на табелата.

Штутгарт со пресврт во второто полувреме славеше на гостувањето против Борусија Менхенгладбах (2-1). Дарко Чурлинов влезе во игра во 63. минута на местото на Соса при резултат 1-0, а со македонскиот суперталент во составот Штутгарт успеа да направи целосен пресврт и да триумфира со головите на Ендо и на Штенцел.

Шампионот Баерн Минхен ремизираше 2-2 на гостувањето против Фрајбург, меч што ќе остане запаметен бидејќи на него Роберт Левандовски го постигна 40. овосезонски гол во Бундес-лигата, израмнувајќи го легендарниот рекорд на Герд Милер. Левандовски погоди од пенал за 0-1, Сане во вториот дел донесе водство од 1-2, но овие два гола сепак се покажаа недоволни за Баерн да стигне до цел плен.

Резултати Германија:

Арминија – Хофенхајм 1-1, Шалке – Ајнтрахт 4-3, Аугсбург – Вердер 2-0, Баер Л. – Ун. Берлин 1-1, Борусија М. – Штутгарт 1-1, Херта – Келн 0-0, Фрајбург – Баерн 2-2.

Се вчитува...