Шекспир ќе биде тренер на Лестер и следната сезона

Актуелниот менаџер на Лестер, Крег Шекспир, ќе остане на клупата и следната сезона, откако клубот резултатски се опорави по катастрофалниот обид да ја одбранат титулата во Премиер – лигата. Тимот дојде до зоната за исппаѓање, но успеа со неколку успешни резултати да се извлече кон средишниот дел на табелата.

Шекспир го наследи Клаудио Раниери на кормилото откако Италијанецот доби отказ неколку месеци по освојување на првенството. Раниери не можеше да го одржи тимот во континуитет, бидејќи оваа година настапуваа и во Лигата на шампиони, а повеќето од играчите во нивните кариери не играле повеќе од еден натпревар неделно, па се чуствуваше пад во играта кај фудбалерите. Иако успеаја како првопласирани од групата да се квалификуваат во нокаут фазата од ЛШ, во Премиер – лигата изненадуваа со негативните резултати, по што следуваше отказот за Раниери.

Позитивните исходи на Шекспир во лигата и историскиот пласман во четврфиналето од Лигата на шампиони, се доволни за газдата на клубот да му понуди перманентна работа како менаџер. Шекспир доби задача да направи план за предсезонските подготовки кои ќе се одвиваат во Азија. Новопечениот стратег ќе биде клучниот фактор во продажбата, односно задржувањето на главните адути, Шмајхел, Марез, Варди и Дринквотер, бидејќи пред почетокот на оваа сезона не го задржаа Нголо Канте, па ќе направат се’ да не се случи  истата приказна.

„Иако засега го водам тимот, јас се’ уште сум под договор како асистент, па без разлика на одлуката на одборот, ќе бидам тука. Затоа и сум дел од плановите за предсезонските подготовки. Се’ што се однесува со играчите и тренинзите, јас морам да сум замешан, тоа ми е работа. Ако ја вршам работата како што треба, раководството ќе го забележи тоа, па ако сакаат да останам менаџер на клубот, со задоволство ќе ја извршувам задачата“ – истакна Шекспир.

До крајот на најелитното натпреварување во Англија за Лестер остануваат уште шест натпревари, а меѓу нив потешките противници се Арсенал, Манчестер сити и Тотенхем. Oпстанокот во лигата е речиси обезбеден, имаат 37 бода, шест повеќе од зоната за испаѓање. Со Арсенал силите ќе ги одмерат утре на „Емирати“, кај Сити ќе биде второто тешко гостување, а Тотенхем во претпоследното коло ќе дојде на „Кинг Пауер“ стадионот.

Се вчитува...