Шенсои: Лех е веќе патник во второто коло, реваншот само формалност

Тренерот на Пелистер, Наџи Шенсои по убедливиот пораз на битолчани во првиот натпревар од 1. квалификациско коло за ЛЕ против Лех во Познањ, веќе е свесен дека патникот за следната рунда натпревари во Лигата на Европа е добро познат.

Шенсои, веќе предавајќи се, истакна дека реваншот за седум дена во Струмица по денешните 4-0 за Лех Познањ ќе биде само формалност.

„Честитки за Лех кој стигна до заслужена победа. Мислам дека патникот за второто коло во Лигата на Европа е веќе решен, а реваншот ќе биде формалност. Ако го гледате само резултатот од 4-0 се добива впечаток дека Лех лесно победил, но тоа не е така. Ние одлично париравме во првите 30 минути, а потоа се се сруши само за неколку минути. Не заслуживме толку висок пораз, а мислам и дека судиите непотребно многу му помагаа на домаќинот. Сепак, Лех е многу поквалитетен противник, ние сакавме само успешно да го презентираме македонскиот фудбал и ова е се што можевме да направиме. Пелистер има буџет од само 750 илјади евра, а игравме со далеку помоќен противник“ – рече Шенсои на прес-конференцијата по мечот.

Тренерот на Лех Познањ, Ненад Бјелица, пак, сосема очекувано задоволен од убедливата победа.

„Среќен сум од постигнатиот резултат. По првиот гол се опуштивме и игравме далеку подобро. Не игравме најдобро што знаеме, но најважен е резултатот. Ова е многу добар резултат за нас иако има уште 90 минути игра“ – рече Бјелица.

Се вчитува...