Шиков се раздели од Работнички, се сели во Тобол

Ванче Шиков повеќе не е член на Работнички откако македонскиот репрезентативец си најде нов ангажман во странство, овојпат во казахстанскиот прволигаш Тобол. Одличниот дефанзивец дојде на денешниот тренинг на „романтичарите“ за да се поздрави со своите довчерашни соиграчи откако го ставил својот потпис на едногодишниот договор со новиот клуб.

Добив примамлива понуда од казахстанскиот клуб Тобол и се договорив за едногодишна соработка. Првенството на Казахстан е во тек, јас пред шест месеци имав понуда од Ордабаси, но не ја прифатив. Сега добив многу подобри услови од Тобол и тоа беше пресудно за повторно да заминам во странство. Пријателски се разделувам од Работнички и му посакувам на мојот досегашен клуб многу среќа и во Европа и во новата сезона од македонското првенство, а јас се надевам дека ќе продолжам со успех да градам интернационална кариера, овојпат за првпат во првенството на Казахстан“ – изјави Шиков за ЕКИПА.

Шиков дојде во Работнички на средина од минатата сезона и експресно се наметна како еден од лидерите на „романтичарите“, предводејќи го овој тим до третото место на табелата.

Останува да се види како тренерот Виктор Треневски и неговите избраници ќе се снајдат по заминувањето на клучниот дефанзивец на претстојниот двомеч од квалификациите за Лигата на Европа против Динамо Минск.

Се вчитува...