Шкендија го пречекува „фенерџијата“, Работнички гостува во Струмица

Лидерот Шкендија има навидум лесна задача во денешното 16.коло од Првата фудбалска лига на Македонија. Составот на Ќатип Османи во Тетово ќе го пречека „фенерџијата“ Скопје и јасно е дека очекува нови три бода. Но, за нив ќе треба да се избори и на теренот.

Младиот Арбин Зејнулаи вели дека Шкендија е максимално подготвена за денешниот меч и нема да го потцени ривалот.

„По триумфот против Силекс во Кратово, сакаме да освоиме нови три бода и на претстојниот меч. Нема лесни противници во Првата лига, па затоа сме максимално внимателни и подготвени за предизвикот“, вели Зејнулаи.

Работнички има четири победи на последните пет меча, а денеска ќе гостува во Струмица кај Академија Пандев. Тренерот Горан Станковски се надева дека „романтичарите“ ќе го повторат изданието од минатото коло, кога ја совладаа Победа со убедливи 4-0.

„Мечот со Победа веќе го заборавивме, со оглед дека денеска не очекува нов тежок дуел против Академија Пандев. Но, многу работи на тој меч функционираа според нашите желби и ќе се обидеме едно такво издание да повториме и на денешниот меч во Струмица. Тимот на Академија Пандев заслужува максимален респект, во својот состав има искусни фудбалери, но ние се надеваме дека ќе извлечеме позитивен резултат. Ќе ја играме нашата игра, офанзивно, агресивно, со желба да постигнеме гол повеќе. Доколку одиграме како на изминатите неколку мечеви, прикажеме голема борбеност и желба за надигрување, верувам дека ќе си заминеме среќни од Струмица“, вели тренерот Горан Станковски во пресрет на денешниот натпревар.

На Могила во Прилеп, Победа и Силекс ќе „лечат рани“ по поразите во минатото коло, а Шкупи на Чаир ќе го пречека составот на Ренова.

Од 18 часот, на арената „Филип Втори“, ќе се одигра вечното дерби меѓу Вардар и Пелистер. Овој меч ќе биде посебно интересен и поради навивачката група „Комити“, која најави вистински спектакл, поради прославата на 30 годишнината од своето постоење.

ПРВА ЛИГА, ДВОЈКИ, 16.КОЛО (13 ЧАСОТ)

АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ – РАБОТНИЧКИ

ШКЕНДИЈА – СКОПЈЕ

ПОБЕДА – СИЛЕКС

ШКУПИ – РЕНОВА    

ВЕЧЕРВА (18 ЧАСОТ)

ВАРДАР – ПЕЛИСТЕР

Се вчитува...