Шкендија ја „сомле“ Дачија: Со една нога веќе во 2. квалификациско коло од ЛЕ!

Шкендија забележа извонредна победа во првиот натпревар на стартот од квалификациите за Лигата на Европа славејќи со убедливи 3-0 (2-0) против молдавска Дачија на дуелот кој се играше на стадионот „Младост“ во Струмица. Иако остануваат 90 минути за игра во Молдавија, од виденото во Струмица се чини дека Шкендија со една нога веќе е во 2. квалификациско коло за Лигата на Европа.

Херојот на Шкендија е репрезентативецот Марјан Радески кој постигна два гола и изнуди пенал во триумфот на својот тим, како дополнение на одличната игра и на двоецот Хасани – Ибраими во нападот.

Тетовци фуриозно го почнаа натпреварот, за да веќе по само 11 минути игра имаа водство од 2-0.  Бесарт Ибраими од пенал во 5. минута донесе предност, откако претходно Радески беше соборен во гостинскиот шеснаесетник, за да и самиот Радески во 11. минута погоди по одбиената топка од слободниот удар на Ферхан Хасани и обидот на Жуниор веднаш по него.

Но, Шкендија не застана само на тоа. Продолжи офанзивата, а во 18. минута беше поништен убав погодок на Арменд Алими поради пасивен офсајд…

Во продолжението одлични можности имаа Вујчиќ во 22. минута и Хасани во 30. минута со шут од далечина. За одбележување секако е и „бомбата“ на Бесарт Ибраими од слободен удар во 33. минута која заврши во гредата од голот на Дачија…

На почетокот од второто полувреме гостите тргнаа далеку поагресивно во желбата за почесен погодок. Но во два наврати убаво интервенираше Захов на голот на тетовци.

Сепак, брзо спласна контролата на играта од страна на фудбалерите на Дачија, па избраниците на Ќатип Османи рутински ја одржуваа предноста, полека враќајќи ја својата надмоќ на теренот. Во една таква игра третиот гол следеше во 75. минута. По корнерот на капитенот Ферхан Хасани од левата страна, Марјан Радески со глава на првиот дирек одлично се снајде сместувајќи повторно во мрежата на гостите за водство од 3-0.

До крајот се беше само рутина. Без многу напор „црвено-црните“ ја зачуваат убедливата победа која во многу нешта носи мирен реванш за реваншот за седум дена во Молдавија.

ЛИГА ЕВРОПА – 1. КВАЛИФИКАЦИСКО КОЛО (прв меч)

ШКЕНДИЈА – ДАЧИЈА (МОЛ) 3-0 (2-0)

Стадион „Младост“ во Струмица. Гледачи: 2.000. Главен судија: Криштоф Јакубик. Помошници: Борковски и Ниемировски (сите од Полска). Стрелци: Ибраими 5′(п), Радески 11′, 74′ (Ш). Ж. картони: Тодоровски (Ш).

ШКЕНДИЈА: Захов, Челиковиќ (62′ Мурати), Бејтулаи, Цуцули, Тодоровски, Алими, Вујчиќ, Хасани (78′ Абдурахими), Радески, Жуниор (87′ Тотре), Ибраими

Тренер: Ќатип Османи

ДАЧИЈА: Раилеан, Пашченко, Пуношевац, Сеоане, Диара (59′ Илеску), Гавриленко, Фортес, Мамах, Драшковиќ, Олисаев (54′ Бејан), Јалба

Тренер: Виорел Фрунца

Се вчитува...