Шкендија на стартот со три нови имиња: Адили, Мустафи и Билали во составот на Ќатип Османи

Есенскиот фудбалски првак Шкендија денеска ги започна зимските подготовки. Тренерот Ќатип Османи ги прозиваше фудбалерите во својата база, а меѓу нив има и три нови имиња. Дефанзивецот Мевљан Адили се врати од Романија и потпиша договор на 18 месеци со клубот каде настапуваше и претходно. Покрај него, пристигнаа и голманот Селадин Мустафи, кој потпиша двегодишен договор, како и Сабит Билали, офанзивниот играч за врска кој има 20 години, а беше дел и од младинскиот тим на Динамо Загреб.

Од Шкендија досега си заминаа Штефан Вујчиќ, Иван Челиковиќ и Илир Авдили, а останатите му се на располагање на Ќатип Османи за пролетниот дел од сезоната. Се разбира, допрва се очекува Шкендија да се засили со уште некое квалитетно име, во обидот да ја сочува предноста од осум бода во однос на Вардар, на врвот на табелата во Првата лига.

Тимот на Шкендија до 9.јануари ќе работи во Тетово, а потоа се сели во Охрид. По ова, следи втората фаза од зимските подготовки која ќе се реализира во Анталија. Таму Шкендија ќе одигра четири пријателски натпревари против Цирих (22.јануари), Олимпик Доњецк (26.јануари), Динамо Загреб (30.јануари) и против Габала (3.февруари).

Се вчитува...