Шкендија нокаутирана во Велес, Академија Пандев со нов триумф го држи врвот

Академија Пандев чекори победнички во шампионатот, го совлада Работнички со 1-2 во Скопје и се зацврсти на првата позиција на табелата со 10 бода по четири одиграни кола. Шампионот Шкендија е се уште без победа, а забележа пораз (1-0) и на гостувањето кај новиот прволигаш Борец во Велес. Тоа очигледно ќе значи и крај за Ќатип Османи на клупата, а ќе мора тимот сериозно да се „ремонтира“ во првата наредна можност.

Македонија ЃП славеше со 3-4 на гостувањето против Силекс во Кратово, а Струга Трим Лум и Шкупи ремизираа 1-1.

Академија Пандев уште во првата минута поведе со 0-1 на арената „Тодор Проески“ со голот на Сашко Пандев од работ на шеснаесетникот, а по големата грешка на голманот Дамјан Шишковски. Работнички израмни пред крајот на првиот дел преку Николче Шаркоски кој погоди од 30 метри, но Марио Крстовски со волеј удар во 78.минута му донесе триумф на гостинскиот тим.

Борец приреди сензација со триумфот над шампионот Шкендија. Очигледна е кризата кај тетовци, Бесарт Ибраими не реализира пенал во 19.минута, а Никола Прелчец во 80.минута ги нокаутира гостите во Велес.

Голеада во Кратово и победа на Македонија ЃП од 3-4. „Лавовите“ поведоа со 0-2, со головите на Фернандо Родригез и на Демир во првото полувреме. Ристов од пенал и Тимовски израмнија на 2-2 до 60. минута, но потоа повторно следеа два гола на Македонија ЃП преку Да Силва и Боби Божиновски. Конечниот епилог го постави Костовски, а бодовите отпатуваа за Ѓорче Петров.

Во Струга, многу борба и нервоза, и поделба на бодовите (1-1). Три црвени картони, два за домашниот тим, еден за Шкупи. Поведе тимот од Чаир со голот на Серџо јуниор во 67.минута, а израмни Јахја седум минути подоцна.

Утре се игра последниот меч од ова коло, Ренова го пречекува Вардар.

ПРВА ЛИГА, 4. КОЛО – РЕЗУЛТАТИ

РАБОТНИЧКИ – АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ 1-2

БОРЕЦ – ШКЕНДИЈА 1-0

СТРУГА ТРИМ ЛУМ – ШКУПИ 1-1

СИЛЕКС – МАКЕДОНИЈА ЃП 3-4

УТРЕ: РЕНОВА – ВАРДАР

Табела: Академија Пандев 10, Македонија ЃП 8, Ренова 7 (-1), Струга ТЛ 7, Шкупи 5, Вардар 4 (-1), Борец 4, Силекс 3, Работнички 3, Шкендија 1.

Се вчитува...