Македонскиот вице-шампион Шкендија официјално потврди дека дефанзивецот Имран Фетаи ја продолжува кариерата во романскиот тим Динамо Букурешт.
Од тетовскиот клуб соопштија дека романскиот прволигаш ја активирал откупната клаузула предвидена во договорот, со што биле исполнети сите услови за реализација на трансферот. По комплетирањето на неопходната документација, Фетаи ќе има право да му се приклучи на својот нов клуб.
„Шкендија објавува дека Имран Фетаи преминува во ФК Динамо Букурешт, откако романскиот клуб ја активираше клаузулата за трансфер предвидена во договорот“, соопштија од клубот.
Шкендија му се заблагодари на Фетаи за неговиот придонес и посветеноста што ја покажа во дресот на тетовскиот клуб, притоа посакувајќи му многу успех во понатамошната кариера.
Со овој трансфер, Фетаи ќе има можност за нов предизвик во романскиот шампионат, каде ќе го носи дресот на еден од најдобрите клубови во земјата.
ЕКИПА пред неколку дена објави дека Динамо е заинтересиран за репрезентативниот стопер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
