Шкендија прослави во шампионски стил, Работнички ја испрати Беласица кон Втората лига

Шкендија со шампионска игра ја прослави титулата во Тетово, совладувајќи го составот на Академија Пандев со 4-1. Арбин Зејнулаи го постигна водечкиот гол во 26.минута, Енур Тотре зголеми на 2-0 во 51.минута, а само една минута подоцна гостите намалија преку Кристијан Иванов. Во 67.минута, Стенио Жуниор го постигна третиот гол за Шкендија, а во финишот Арбин Зејнулаи постигна уште еден погодок.

Работнички ја освои Струмица, совладувајќи ја Беласица со 0-1. Сега „романтичарите“ се надеваат и на излез во Европа, а ќе решаваат во последното коло против Шкупи за освојување на четвртото место. Тоа може да води во Лига УЕФА ако Академија Пандев го освои Купот на Македонија в среда. Кристијан Ацковски беше стрелец на голот за Работнички, по одличната акција на Себастијан Херера по левата страна. Беласица се сели во второлигашка конкуренција.

Шкупи на Чаир ремизираше (2-2) против Ренова. „Гипсарите“ цело полувреме играа со играч помалку поради исклучувањето на Влатко Стојановски. Серџо јуниор во деветтата минута донесе водство за Шкупи, но Емран Рамадани направи целосен пресврт со два гола, во 52. и во 59.минута. Шкупи успеа да израмни со голот на Берат Устабаши во 60.минута од мечот.

Македонија ЃП го совлада Силекс со 2-0, ги разреши сите дилеми за опстанок, но и во победнички ритам ќе го пречека финалето на Купот против Академија Пандев в среда. Дејан Тантуровски во 30.минута и Христијан Кировски во 44.минута беа стрелци на головите за „лавовите“ на овој меч.

Вардар ја декласира Победа со 6-0. Прилепскиот тим одамна е второлигаш, а „црвено-црните“ го демонстрираа квалитетот. Јован Попзлатанов постигна хет – трик, а во листата на стрелците се запишаа и Дарко Мицевски, Бојан Колевски и Фелипе.

ПРВА ЛИГА, 35.КОЛО – РЕЗУЛТАТИ

ШКЕНДИЈА – АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ 4-1

ВАРДАР – ПОБЕДА 6-0

БЕЛАСИЦА – РАБОТНИЧКИ 0-1

ШКУПИ – РЕНОВА 2-2

МАКЕДОНИЈА ЃП – СИЛЕКС 2-0

Табела: Шкендија 79, Вардар 63, Академија Пандев 57, Работнички 46, Шкупи 45, Ренова 44, Македонија ЃП 44, Силекс 41, Беласица 38, Победа 23.

Се вчитува...