Шкендија против Рига во Конференциската лига за подобрување на впечатокот од ЛШ

Шкендија, по разочарувачкиот настап и елиминацијата од словенечка Мура во првото квалификациско коло од Лигата на шампионите, поправање на европскиот впечаток ќе бара во Конференциската лига. Тетовци денска гостуваат на летонска Рига во првиот натпревар од двомечот во 2. коло од новоформираната лига на УЕФА.

Тренерот на тетовци, Ернест Ѓока вели дека неговиот тим мора да биде внимателен на овој меч.

„Рига е шампион на Летонија и затоа мора да бидеме внимателни. И тие како нас имаат свои амбиции. Детално го анализиравме противникот и верувам дека ќе имаме добро издание“ – вели Ѓока.

Според фудбалерот од средниот ред, Арменд Алими, пак, конечниот патник во следното коло ќе се решава на реваншот во Скопје.

„Ова ќе биде тежок меч за нас, Рига има квалитетен тим и ние го респектираме. Сепак мора да бидеме свесни дека утрешниот меч нема да решава ништо, се ќе се одлучува во Скопје на реваншот. Мора да бидеме паметни, внимателни ако сакаме да го оствариме резултатот кој нас ќе ни одговара“ – вели Алими.

Натпреварот меѓу Рига и Шкендија во главниот град на Летонија се игра со почеток од 19 часот.

Се вчитува...