Шкендија во акција да ја елиминира Рига: Ќе мора два гола негатива да анулира!

Шкендија со негатива од 0-2 по првиот натпревар го очекува денешниот реванш-дуел од 2. квалификациско коло во УЕФА Конференциската лига против летонската Рига.

Јасно е дека шансите за тетовци за пласман во следната рунда натпревари не се загубени, но ќе мора да се одигра далеку подобро од првата пресметка доколку се сака продолжување на европското лето.

За тоа е свесен и шефот на стручниот штаб Ернест Ѓока кој вели дека ќе мора да се подобри многу реализацијата доколку се сака пласман понатаму. Шкендија во досегашните три европски натпревари ова лето нема постигнато погодок.

„Јасно е дека нашата желба е пласман во следното коло. Да бидеме реални, ние и не играме лошо на овие европски натпревари но никако да проработи нападот. Време е да почне да се постигнуваат голови. Ако успееме да ја подобриме реализацијата сигурно може да славиме против Рига. Сите фудбалери се на располагање, со исклучок на Бруно Дита. Но, без разлика кој ќе игра мора да го даде максимумот за позитивен резултат. Факт е дека ќе мора силно да атакуваме ако сакаме да ја анулираме негативата. Ако ја споредуваме Шкендија со онаа од пред неколку години, таа не е иста. Ова е сосема нов тим, но јас силно верувам во овие момци и нивниот карактер и знам дека може да ја елиминираат Рига ако одиграат како што знаат и умеат“ – вели Ѓока.

Натпреварот меѓу Шкендија и Рига на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје се игра со почеток од 20 часот. Ако Шкендија успее да ги мине Летонците во третото квалификациско коло ќе игра против Хибернианс од Малта.

Се вчитува...