Шкендија во лов на првите бодови, Ренова сака да го ’прегрми’ Чаир

Чудно е кога Шкендија е последнопласирана на табелата, во последните неколку сезони актуелниот шампион речиси редовно бил на врвот или блиску до него. Тимот на Ќатип Османи имаше очаен старт на сезоната, два порази во првите две кола, па затоа и нема друг избор освен да атакува на прв триумф на денешниот дуел против Македонија ЃП во Тетово. Слабата реализација на шансите е главната причина за лошите резултати на Шкендија, ќе мора овој сегмент значително да го поправат фудбалерите на актуелниот првак доколку сакаат да се вратат на победнички патеки.

„Нема друга алтернатива, само победа“, најавуваат од Шкендија.

Но, на Македонија ЃП добро и тргна на стартот од шампионатот и сака да остане непоразена и во Тетово. Искусниот Боби Божиновски вели дека составот на „лавовите“ има капацитет да се надигрува со Шкендија во Тетово.

„Знаеме дека му гостуваме на шампионот, кој олигледно има и свои проблеми на стартот од сезоната. Ние сме во добар ритам, имаме квалитетен тим и можеме да се надигруваме против Шкендија. Ќе дадеме се од себе за да оствариме поволен резултат и на овој меч“, истакнува Божиновски.

Македонија ЃП го совлада Вардар на гости и играше без голови против Академија Пандев. Со четири бода е на делба на втората позиција на табелата.

Ренова е единствениот тим со максимален ефект по две кола и „гипсарите“ сакаат да продолжат во ист ритам и на денешното гостување на Чаир. Шкупи е посебно силен на домашен терен, но Ренова покажа дека има добра хемија во составот иако претрпе значителни промени во летниот преоден рок.

Струга Трим Лум на премиерата пред своите гледачи го совлада Работнички, па се надева дека може истото да го повтори и против Силекс. Академија Пандев на домашен терен ќе го пречека тимот на Борец.

Вчера Вардар го совлада Работнички со 2-0 во првиот меч од третото коло во Првата фудбалска лига.

ДВОЈКИ ПРВА ЛИГА, 3.КОЛО (17 ч.)

ШКЕНДИЈА – МАКЕДОНИЈА ЃП

ШКУПИ – РЕНОВА

СТРУГА ТРИМ ЛУМ – СИЛЕКС

АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ – БОРЕЦ

ВЧЕРА: ВАРДАР – РАБОТНИЧКИ 2-0 

Се вчитува...