Фудбалската репрезентација на Шкотска има нов селектор. Фудбалската асоцијација на Шкотска официјално го потврди назначувањето на 39-годишниот Белгиец Себастијан Поконоли на функцијата селектор на машката национална репрезентација.
Поконоли потпиша договор на две години и ќе ја предводи Шкотска во претстојното издание на Лигата на нации. Тој на селекторската позиција го наследува Стив Кларк, кој си замина по настапот на Шкотска на Светското првенство во 2026 година.
Белгиецот зад себе има релативно кратка, но впечатлива тренерска кариера. Најголемиот успех го оствари со Унион Сен Жилоа, со кој во својата прва сезона како тренер на сениорски тим ја освои титулата во белгиското првенство – прва за клубот по пауза од 90 години. Со тимот стигна и до групната фаза од Лигата на шампионите, а го освои и белгискиот Суперкуп. За своите резултати беше прогласен за тренер на годината во Белгија.
Потоа Поконоли седна на клупата на Монако во 2025 година, но неговиот престој во францускиот клуб траеше само осум месеци. Сега го очекува нов предизвик на меѓународната сцена, со задача да ја продолжи работата на Кларк и да внесе нова енергија во шкотскиот национален тим.
Поконоли има и богата играчка кариера. Како лев бек настапуваше за Генк, АЗ Алкмар, Стандард Лиеж, Хановер, Вест Бромвич Албион, Брајтон и Унион Сен Жилоа, а за репрезентацијата на Белгија забележа 13 настапи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
