Шкупи има убедлива предност против Брегалница на полувремето од првиот меч од 12. коло (ВИДЕО)

Шкупи има убедлива предност од 3-0 против Брегалница во дербито од 12. коло во Првата македонска фудбалска лига, во меч кој согласно случувањата на теренот не ја отсликува реалната резултатска криза. Шкупи заслужено води, но Брегалница не искористи три 100% шанса најмалку за еден погодок.

Фудбалерите на Марјан Секуловски одлично го почнаа натпреварот уште во 2. минута со 100% шанса. Ескиќ убаво шутираше но домашниот голман Наумовски со крајни напори спречи водство на „сините“.

По таа шанса, во продолжението се беше во знакот на домашните фудбалери кои го диктираа ритамот на теренот, па во 8. минута Цветановски погоди за водство од 1-0. По уште неколку шанси за Шкупи, во 28. минута по корнерот од левата страна Руатубјае со глава зголеми на 2-0.

Тоа водство на Шкупи како да ги разбуди штипјани, па во 32. минута Мартин Стојанов извонредно шутираше од 25 метри а Наумовски повторно брани исфрлајќи во корнер. По корнерот нова мешаница пред голот на чаирчани, втор обид на Стојанов со шут од 20 метри, но овој пат покрај голот.

Веќе во 36. минута нова шанса за Брегалница. Сега Алтипармовски во извонредна позиција, но во последен момент блокираше домашната одбрана. Веќе во 37. минута нова 100% шанса за Брегалница. Даниел Мојсов со глава по корнерот на Додев, но Наумовски од под самата греда брани на гол-линија исфрлајќи во корнер.

И кога не се користат шансите, следеше казната на спротивната страна. По брз контранапад, Цветановски го проигра Адетунџи Сандеј кој со глава од непосредна близина погоди за 3-0 на полувремето.

Се вчитува...