Шкупи на 90-годишниот јубилеј го претстави новиот спонзор: Ќе бидеме во ранг со Вардар и Шкендија

Македонскиот прволигаш Шкупи слави 90 години од постоењето (поранешна Слога Југомагнат), а на прославата на јубилејот го претстави и својот нов спонзор „Груп Импекс“. Тоа треба да биде најава за многу подобри денови за клубот од Чаир.

„На овој убав ден, кога славиме 90 години, чест ми е како актуелен претседател на Шкупи да објавам дека клубот ќе добие нов спонзор во Шефкет Демири. Истовремено, му благодарам на Висар Ганиу, поранешниот наш тренер, кој сега е градоначалник на Чаир, што го исполни ветувањето дадено пред изборите, Шкупи да добие нов стабилен спонзор“, изјави Омер Буњаку, актуелниот претседател на Шкупи.

Градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, го изрази задоволството што Шкупи добива засилување во кадровските структури.

„Од мои седум години сум поврзан со Шкупи, тренирав фудбал, а потоа бев и шеф на стручниот штаб. Искрено се радувам што сега ќе дојдат подобри денови за Шкупи, и сите се надеваме дека клубот ќе го врати својот некогашен сјај“, изјави Висар Ганиу.

Новиот спонзор Шефкет Демири, кој веќе 20 години работи во Турција, сега ќе го преземе раководењето.

„Јас сум чаирско дете, а 20 години работам во Турција. Бевме во преговори подолг период, и јас се нафатив да бидам спонзор во наредниот период. Во првите шест месеци клубот ќе се стабилизира, а потоа имаме и поголеми планови. На подготовки тимот ќе оди во Анталија, во ист хотел со Карабах, со кој ќе одиграме и пријателски натпревар. Ќе бидат доведени неколку засилувања од странство и од Македонија“, изјави новиот спонзор Шефкет Демири.

Се вчитува...