Шкупи, Струга ТЛ и Силекс во битка за продолжување на европското лето

Македонските претставници во новоформираната Конференциска лига на УЕФА, Шкупи, Струга ТЛ и Силекс денеска ќе ги одиграат реванш натпреварите од првото коло. Шкупи со предност од 2-0 му гостува на косовски Лапи. Тренерот Гоце Седлоски ги предупреди своите играчи дека водството од дуелот во Скопје нема да значи ништо ако на денешниот дуел во Приштина не биде повторена истата игра.

„По оние 90 минути во Скопје, дојде мечот на кој мораме да бидеме подеднакво подготвени и професионални во пристапот, ако сакаме да си ја оствариме зацртаната цел. Верувам дека момците се подготвени, имавме доволно време да корегираме некои грешки во нашата игра. Остануваме цврсто на земја, им кажав на играчите дека оние 2-0 нема да значат ништо ако заспиеме на реваншот. Такви се овие европски дуели, мора да се остане фокусиран од почеток до крај и на двете средби“, изјави Седлоски.

Стружани имаат активни 1-1 од првиот меч во Летонија, па и покрај тоа што ништо не е завршено веруваат дека имаат шанси за пласман понатаму на европската сцена. Тренерот на Струга Трим Лум, Срѓан Захариевски верува дека неговиот тим ќе ја мине летонската Лиепаја на стартот од новата УЕФА Конференциска лига.

„Мислам дека резултатот од првиот меч е сосема реален. Сепак, треба да се знае дека ФК Лиепаја е многу квалитетен тим, па можам да кажам дека оние кои ќе присуствуваат на утрешниот натпревар, ќе имаат можност и самите да се уверат во она што го зборувам. Но, според играта што ја прикажавме таму, особено во второто полувреме, како и активниот резултат што го имаме, мислам дека ќе го поминеме овој противник. Почнуваме од нула. Нема да брзаме, ќе ги чекаме нашите шанси, бидејќи секоја грешка на вакви натпревари може да не чини елиминација“ – истакна Срѓан Захариевски на прес-конференцијата пред утрешниот меч.

Силекс и гостува на молдавски Петрокуб. Сепак, поради новите правила и укинувањето гол на гости и покрај ремито дома 1-1 Силекс нема да има никаква негатива на гостувањето кај Петрокуб. Мечот е со почеток во 19 часот.

Се вчитува...