Шок: Евролигата сака да ја купи АБА

Раководството на Евролигата пред неколку дена категорично ја одби понудата од НБА , а челниците на елитното европско натпреварување сега самите сакаат да купат друга приватна лига, и тоа регионалната АБА-лига.

Уште пред неколку дена беше најавено дека викендов ќе дојде до состанок меѓу челниците на АБА и на Евролигата, но се веруваше дека тоа ќе биде логистичка поддршка околу проблемот со арбитрите што го имаше регионалното натпреварување поради кој беше и одложено првото коло од АБА1 и од АБА2.

Сепак, српски „Спорт клуб“ објави дека причината е многу поконкретна, и тоа искажување на сериозен интерес на Евролигата за преземање на АБА. Како што е добро познато, клубовите се ко-сопственици во регионалното натпреварување како што е тоа случај и во самата Евролига, па токму затоа на овој состанок ќе биде јавно искажан интересот за купопродажба на контролен пакет акции од страна на Евролигата.

Се уште е неизвесно дали ќе станува збор за целосно преземање на лигата или само на 51%, но челниците на Евролигата барале на состанокот да присуствуваат и водечките луѓе на Дубаи и на Клуж, АБА-лигаши кои не се дел од сопственичката структура и кои играат со вајлд-карти, но кои исто така дале поддршка на идејата.

Засега разговорите се само во почетна фаза, но се очекува до крајот на годинава да биде доставена и првата конкретна победа од страна на Евролигата, по што зборот ќе го имаат АБА-лигашите, дали да ја прифатат, или да продолжат со сопственото раководење преполн со препукувања меѓу самите клубови.

Се вчитува...