Поранешен фудбалер на Барса: Јамал никогаш немаше да биде стартер во нашиот тим

Ламин Јамал е еден од најдобрите млади фудбалери во светот и веќе е лидер на Барселона, но поранешниот првотимец на каталонскиот гигант, Кристијан Тељо, смета дека талентираниот Шпанец не би имал загарантирано место во почетниот состав на славниот тим од 2011 година.

Неговата изјава предизвика бројни реакции кај навивачите, кои не ја прифатија добро споредбата меѓу двете генерации. Поранешниот фудбалер на Барселона, Кристијан Тељо, кој неодамна ја заврши својата професионална кариера, повторно е во центарот на вниманието на шпанската спортска јавност.

Овој пат поради интересната споредба на денешната Барселона со тимот во кој некогаш играше заедно со Лионел Меси.

Во интервју за шпанскиот весник „Спорт“, Тељо зборуваше за актуелната генерација на каталонскиот клуб, а особено се осврна на Ламин Јамал, еден од најталентираните фудбалери денес. Иако не го доведува во прашање исклучителниот квалитет на младиот шпански репрезентативец, Тељо смета дека за него би било многу тешко да избори место меѓу стартерите на Барселона од 2011 година.

„Не мислам дека би бил стартер. Би му било тешко да стигне до тоа место. Верувам дека би го достигнал нивото што го покажува денес, но би било комплицирано“, изјави Тељо.

Се вчитува...