Шок од Холандија: Феенорд го смени тренерот на само два дена пред дуелот во ЛШ со Милан

Управата на Феенорд повлече изненадувачки потег врачувајќи му отказ на тренерот Брајан Приске на само два дена пред првиот дуел од двомечот во Лигата на Шампионите против Милан.

Холандскиот гигант летово се раздели од Арне Слот и за наследник на одличниот стратег го избра Приске, под водство на овој тренер го освои трофејот во Супер-купот на Холандија, но во изминатиот период формата на тимот се движеше во надолна линија. Интересно, челниците на клубот му искажаа доверба на Приске при трите порази во низа, а откако овој стручњак ја прекина црната серија со рутинска победа од 3-0 над Спарта Ротердам, денеска беше објавено дека е прекината соработката со него.

„Феенорд и Брајан Приске се разделуваат. Му благодариме на Брајан за неговото време минато во клубот и му посакуваме се најдобро“, се вели во краткото соопштение на тимот од Ротердам.

Заедно со Приске клубот го напуштаат и неговите двајца помошници Бабалола Андерсон и Бјерн Хамберг, па останува да се види кој ќе го води тимот на дуелот од ЛШ против Милан закажан за среда.

Се вчитува...