Португалскиот весник „А Бола“ во своето денешно издание објави шокантна вест – Спортинг Лисабон се наоѓа пред банкрот, па фудбалскиот гигант наскоро би можел да исчезне од фудбалската мапа во оваа земја. Имено, Спортинг веќе извесно време се соочува со сериозни финансиски проблеми, кои уште повеќе се зголемиле со промената на управата.
Според „А Бола“, вкупниот долг на клубот за кој настапува и Стефан Ристовски изнесува 65 милиони евра, од кои дури 41 милион доспеваат во јули. Доколку не биде извршена исплата до половината од оваа година, ќе бидат активирани средствата за наплата, што ќе значи заминување под стечај, а потоа и прогласување на банкрот. Проблемот е што во Спортинг нема ни приближни средства за отплата на долговите, на сметката на клубот има пари уште за по две плати на фудбалерите и стручниот штаб, така што судбината на португалскиот гигант е крајно неизвесна.
Стефан Ристовски во зимскиот преоден рок беше поврзуван со трансфер во Лацио, Спортинг не даде зелено светло, но доколку се оствари „црното сценарио“, македонскиот репрезентативец летово ќе може без никаква отштета да се пресели во нов клуб.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА