Шок за Атлетико: Облак бара трансфер во јануари…

Јан Облак во текот на вчерашниот ден ја прими наградата за најдобар голман во „Ла Лига“ минатата сезона, изјавувајќи дека очекува да освојува трофеи со Атлетико Мадрид во периодот што следи. Томку затоа изненадувачка е денешната информација на весникот „Марка“ дека Облак веќе им порачал на челниците на Атлетико дека нема намера да остане долго во клубот и сака да си замине од Мадрид веќе во јануарскиот преоден рок.

Причина за ваквиот став на Словенецот е преголемата пасивност на водечките луѓе на клубот кога станува збор за преговорите за нов договор со одличниот голман. Имено, Облак во последните 12 месеци одби неколку интересни понуди покажувајќи ја својата лојалност кон мадридскиот клуб, но за возврат не доби ништо освен празни ветувања.

За разочарувањето да е поголемо, во овој период нови договори со Атлетико потпишаа Гризман, Коке, Саул, Томас, Лукас и Хименез, а Словенецот нема добиено ниту официјална понуда, камоли да ги договори деталите за продолжување на соработката.

Договорот на Облак со Атлетико истекува во јуни 2021 година, но во него има клаузула што го прави достапен за трансфер за 100 милиони евра. ПСЖ делуваше подготвено да ја плати оваа сума, но Облак ја одби понудата останувајќи во Атлетико, по што „светците“ во меѓувреме го потпишаа Џанлуиџи Буфон. Останува да се види дали ќе се најде европски гигант подготвен да плати светски рекорд за голмански трансфер, особено среде сезона, или пак Облак ќе чека до крајот на сезонава за да ги промени клупските бои.

Се вчитува...