Шок за Борусија Дортмунд во Дизелдорф

Борусија Дортмунд во шеснаесеттото коло го претрпе својот прв пораз во Бундес-лигата, и тоа сосема неочекувано на гостувањето против Фортуна Дизелдорф со 2-1. „Милионерите“ влегоа во натпреварот како апсолутни фаворити, но тренерот Фавр го прецени својот тим решавајќи се за значителни ротации и оставајќи ги на клупата Пако Алкасер и Санчо.

Борусија не ги користеше своите шанси, а казната стигна откако Лукебакио го отвори резултатот, за потоа Цимер со еврогол во второто полувреме да зголеми на 2-0. Гостинскиот стратег потоа на триесетина минути до крајот ги уфрли во игра своите најдобри фудбалери, но веќе беше предоцна, се што успеа Борусија да стори беше утешниот погодок на Алкасер во 80. минута.

Баерн Минхен утре на домашен терен ќе го пречека Лајпциг, меч на кој баварскиот гигант со триумф би ја намалил негативата зад водечката Борусија од девет на шест бода. На „минус шест“ се наоѓа и Борусија Менхенгладбах, која денеска славеше со 2-0 над Нирнберг.

Во преостанатите две средби што беа вечерва на програмата Волфсбург го победи Штутгарт со 2-1, додека Херта и Аугсбург ремизираа 2-2 во Берлин.

 

 

Се вчитува...