Шокантен пораз на Милан од Сасуоло

Наместо да обезбеди место во Лигата на шампионите, Милан се лизна против тим и играчи кои многу пати беа фатални за нив – Сасуоло и Доменико Берарди.

Домашните славеа со 2:0, а Берарди го најави триумфот во 5-тата минута со својот 12-ти гол во 21-от натпревар против „росонерите“. Фактот дека тој регистрираше и седум асистенции покажува колку е мотивиран долгогодишниот предводник на Сасуоло против Милан.

Фикајо Томори им ја отежна работата на своите соиграчи, бидејќи доби втор жолт картон во 24-тата минута, а прашањето за победникот беше решено на почетокот од второто полувреме со брилијантен шут на Арманд Лориен.

Милан е трет со 67 бода, три помалку од Наполи, а Јувентус би можел да ги стигне вечерва ако ја победи Верона на стадионот „Алијанц“.

Се вчитува...