Шоу на Иличиќ: Аталанта и Лајпциг за првпат до четвртфинале во ЛШ

Лајпциг и Аталанта се првите четвртфиналисти во Лигата на шампионите, откако ги потврдија добрите резултати од првите средби и успеаја да ги елиминираат Тотенхем и Валенсија од елитното европско натпреварување. Ова е прв пласман меѓу Топ 8 екипите во Европа и за Аталанта, која дебитира во ЛШ сезонава, како и за Лајпциг, за кого ова е втора сезона во ова натпреварување.

Лајпциг по победата во Лондон од 0-1 денеска на домашен терен рутински славеше над Тотенхем со 3-0. Европскиот вицепрвак одигра уште еден очаен натпревар, а германскиот состав знаеше како да го искористи тоа и со двата гола на Сабицер уште во првото полувреме да ги разреши дилемите околу победникот. Конечните 3-0 ги постави Форсберг, по влегувањето во игра токму на местото на Сабицер.

Многу поинтересно беше во Валенсија, каде иако немаше навивачи на трибините беше одигран одличен меч во кој Аталанта славеше со 3-4, а во главна улога беше Јосип Иличиќ, кој ги постигна четирите погодоци за тимот од Бергамо.

Иличиќ со два пенали двапати носеше предност на гостите од Бергамо, а Валенсија израмнуваше преку Гамеиро. Феран Торес во второто полувреме донесе прво водство на Валенсија, но Иличиќ најпрвин го комплетираше хет-трикот, а потоа во 82. минута го постигна и четвртиот гол, за нова победа на Аталанта над шпанскиот тим.

Се вчитува...