Шпанецот Гурбиндо потпиша договор со Вардар, следен е Мартин Томовски

Долгогодишниот шпански репрезентативец Едуардо Гурбиндо е најновото засилување на Вардар, откако искусниот 33-годишен ракометар се договори за тригодишна соработка со „црвено-црните“. Тој ќе пристигне во Скопје на крајот од сезонава, по истекот на договорот со екипата на Нант.

Шпанскиот бек зад себе има богата спортска кариера и ја има освоено и Лигата на шампионите, со тимот на Барселона во сезоната 2014/2015. Тоа беше последен пат кога Шпанците беа победници во ова натпреварување. Како играч на Нант настапи и во финалето на Ф4 турнирот во ЛШ во сезоната 2017/2018 кога во француското финале Нант сепак остана со сребрен медал.

Во својата кариера Гурбиндо има настапувано за Портланд Сан Антонио (2003-2007), потоа за Торевиеха (2007-2009), Валјадолид (2009-201) и Барселона (2012-2016). Како млад играч на Портланд Сан Антонио на почетокот од неговата кариера имал шанса да биде дел од тимот што еднаш беше второпласиран, а еднаш третoпласиран во ЛШ. Но, само со настап на некои натпревари во групната фаза. Во Шпанија ги има освојувано и првенството, купот и суперкупот, а во Франција има медал од Купот на Франција.

Како дел од репрезентацијата на Шпанија има златен медал од ЕП 2018 година, а сребрен од ЕП 2016 година. Бронзен медал има oд ЕП 2014 и од СП 2011 година. Од 2009 година е дел од националниот тим на Шпанија и има одиграно над 120 натпревари и над 160 голови. Поради повреда не настапи на ЕП 2020 и на СП 2021.

Се очекува Вардар во најскоро време да го официјализира и наредниот трансфер, оној на македонскиот голман Мартин Томовски од редовите на бундеслигашот Лудвигсхафен.

Се вчитува...