Шпанија преку домаќинот до бронза на СП

Ракометната репрезентација на Шпанија е освојувач на бронзениот медал на Светското првенство откако славеше во мечот за третото место против домаќинот Шведска со 36-39. Овој натпревар за третото место е меч со најмногу голови во историјата, а претходно рекордот го држеше малото финале минатиот Мундијал во кој Шпанија славеше над Франција со 35-29.

Првото полувреме се играше буквално без одбрани. Двата тима погодуваа од секоја позиција, а оваа игра повеќе им одговараше на Швеѓаните кои на пауза заминаа со позитива од четири гола 22-18.

Во второто полувреме излезе некоја нова Шпанија. Селекторот Рибера ја промени одбраната и за само седум минути со шерија 1-6 успеаја да ја анулираат големата негатива и по долго време да поведат (24-26). Во продолжение се играше гол за гол, а на десет минути до крајот на мечот Шпанците влегоа со највисоките плус три (30-33). До крајот „црвената-фурија“ успеа да го задржи водството и да стигне до конечен триумф од 36-39. Фигерас со девет гола беше убедливо најдобриот поединец кај победникот, додека кај поразените Ване заврши со ист број погодоци.

Претходно во мечот за петто место Германија славеше над Норвешка со 28-24, додека во натпреварот за седмото место Египет по продолженија ја совлада Унгарија со 36-35.

Се вчитува...