Шпанците го добија „пенал рулетот“ против десеткуваната Швајцарија за место во полуфиналето на ЕП

Шпанија е првиот полуфиналист на Европското првенство 2020 откако по изведување на пенали славеше над Швајцарија. Швајцарците повторно ги освоија срцата на навивачите, поготово доколку се земе фактот дека на 15. минути пред крајот на натпреварот останаа без Фројлер кој заработи црвен картон, но овој пат не успеаја да слават по изведување на пенали.

Шпанија до предност од 1-0 стигна во 8. минута од натпреварот кога при шутот на Џорди Алба топката удри во Закариа и го промени правецот по што заврши во мрежата на Сомер. Шпанците го задржаа водството до крајот на првото полувреме, меѓутоа не успеаја да го направат истото и до крајот на мечот. Киксот на одбранбените играчи на Шпанија го искористи Џердан Шаќири кој во 68. минута успеа да го совлада Симон за изедначување на 1-1.

Швајцарија остана со играч помалку во 77. минута од мечот кога по „крвничкиот“ старт над Морено, Фројлер заработи директен црвен картон. Шпанците умешно го користеа фактот дека имаат играч повеќе на теренот па постојано напаѓаа и креираа шанси, меѓутоа не најдоа начин да ја протнат топката во мрежата на Швајцарците кои повторно успеаја да се изборат за „пенал-рулет“.

Во него, стигнаа до предност по промашувањето на Бускетс во првата серија, меѓутоа Швајцарците не успеаја да ја задржат предноста. Шар, Аканџи и Варгас не успеаја да го совладаат Симон, а победата на Шпанците ја потврди Ојарзабал.

Се вчитува...