Иако Шпанија го освои светското првенство победувајќи ја Аргентина со 1-0 по продолженијата, дел од шпанската јавност не е задоволен од судењето на Словенецот Славко Винчиќ.
Меѓу најгласните критичари беше познатиот шпански спортски новинар Ману Карењо, водител на емисијата „Ел Ларгеро“ на радио станицата „Кадена СЕР“, кој безрезервно оцени дека Винчиќ и помагал на Аргентина со своите одлуки за време на финалето.
„Победивме и пресреќни сме, но какво судење беше тоа. Винчиќ беше најдобриот играч на Аргентина“, рече Карењо.
Шпанскиот новинар смета дека во текот на целиот натпревар Аргентина била целосно подредена на противникот и дека единствениот начин на кој се обидувале да останат во игра била цврстата одбрана.
Одлуката на Винчиќ да го поништи голот на Нико Вилијамс во продолженијата предизвика најголемо незадоволство. Според мислењето на шпанскиот новинар, словенечкиот судија погрешил кога досудил прекршок на Микел Мерино врз Николас Отаменди и со тоа го поништил голот што можел многу порано да го реши прашањето за победникот.
„Победивме, па сега ни е полесно да зборуваме за тоа, но ова судење беше срамно. Тоа го велиме иако ја освоивме титулата. Да изгубевме, ќе бевме уште поогорчени“, рече Карењо.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
