Дербито на четвртото коло од „Шпаркасе Лајф“ Првата лига-жени им припадна на кошаркарките на актуелниот шампион. Кошаркарките на Крива Паланка одиграа квалитетен натпревар и заслужено славеа убедлива победа над Баскет Кам (81-66), со која стигнаа до вториот триумф во новата сезона.
Истиот биланс (2-2) го има и нивниот ривал од Македонска Каменица. Домашната екипа уште од почетокот ја презеде контролата врз резултатот. По првите десет минути имаше предност од осум поени (20-12), која на полувремето ја зголеми на двоцифрена (37-27). Крива Паланка продолжи во ист ритам и во третиот период, па пред последните десет минути имаше убедливи 56-42.
Прво име во победничкиот состав беше Таниа Гордон, која оствари извонреден учинок од 31 поен, 19 скока и седум асистенции. Значаен придонес имаше и Груевска со 21 поен, четири скока и три асистенции.
Кај Баскет Кам, кој го претрпе вториот последователен пораз, најефикасна беше Митева со 26 поени. Адамовска забележа дабл-дабл од 18 поени и 13 скока, дополнет со пет асистенции, додека Дојчинова постигна 12 поени.
Кошаркарките на Бадел 1862 ја продолжија победничката серија во „Шпаркасе Лајф“ Првата лига-жени. На гостувањето во Делчево, баделки славеа против Патриот 2016 со 65-41, за четврта победа во исто толку одиграни натпревари.
Николов беше најефикасна во победничкиот состав со 19 поени, на кои придодаде шест скока и шест асистенции. Клири го заврши натпреварот со 13 поени и четири скока.
Во редовите на Патриот 2016, Стоименовска постигна 16 поени, додека М. Стоименовска запиша уште 10.
Кошаркарките на Вардар продолжуваат со одличните настапи во новата сезона од „Шпаркасе Лајф“ Првата лига-жени. На домашен терен, вардарки славеа против Пробаскет со 88-73 и го задржаа максималниот ефект по четири одиграни кола.
Почетокот на натпреварот донесе изедначена игра, па по првата четвртина резултатот беше 15-15. Вардар успеа да направи разлика во вториот период, по кој на одморот замина со предност од 36-31.
Одлучувачкиот чекор кон победата домашниот состав го направи во третата четвртина. Со подобра игра на двете страни од теренот, вардарки ја зголемија предноста на 61-47 и практично го решија прашањето околу победникот.
Во отсуство на повредената Тасевска, лидер на Вардар беше Пислевска, која натпреварот го заврши со 29 поени, шест асистенции и пет скока. Трајковска и Илиевска постигнаа по 12 поени, додека Зафировска придодаде уште 10.
Кај Пробаскет, кој сега има биланс од една победа и три порази, Богојевска беше најефикасна со 20 поени. Ѓорѓиева постигна 15, Ѓорева 13, а Мицева оствари дабл-дабл учинок од 12 поени и 11 скока.
„ШПАРКАСЕ ЛАЈФ“ ПРВА ЛИГА-ЖЕНИ (РЕЗУЛТАТИ 4. КОЛО)
Крива Паланка – Баскет кам 81-66
Патриот 2016 – Бадел 1862 41-65
Вардар – Пробаскет 88-73
Гевгелија – МЗТ Скопје Аеродром одложено
ТАБЕЛА: Вардар 4/0, Бадел 1862 4/0, Крива Паланка 2/2, Баскет кам 2/2, Пробаскет 1/3, МЗТ Скопје А 1/2 (-1), Гевгелија 1/2 (-1), Патриот 2016 0/4;
ИДНО КОЛО (21.11)
МЗТ Скопје Аеродром – Крива Паланка
Баскет кам – Патриот 2016
Пробаскет – Гевгелија
Бадел 1862 – Вардар
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
