Арпад Штербик беше далеку од посакуваната форма за време на фајналфор турнирот во Келн, што воедно беше и една од главните причини за поразот во полуфиналната пресметка со Монпелје. Тој потоа не настапи на „малото финале“ со ПСЖ, а по враќањето назад во Скопје шпанскиот репрезентативец откри дека причина за слабата форма е повредата што ја заработил непосредно пред Ф4 турнирот.
„Пред фајналфор турнирот заработив незгодна повреда и имав само десет дена за рехабилитација. Се чувствував многу лошо, се обидов да се подготвам надобро што можам, но проблемите беа очигледни. Криев дека сум повреден бидејќи не беше добро за тимот ривалите да станат свесни за моите проблеми. Секако, нашиот тренер и стручниот штаб беа известени, се надевавме на чудо, дека ќе можам да бранам од рутина и да му помогнам на тимот, за жал тоа не се случи. Судбината имаше напишано поинакво сценарио за мене и мојот тим“ – изјави Штербик.
Воедно, тој му честиташе на тимот на Монпелје за заслужената европска титула.
„Разочарани сме што не ја одбранивме титулата, но не постои бес, си заминуваме од Скопје мирно и со кренати глави. Не стануваше збор за срце или за ентузијазам, туку бидејќи противникот дојде максимално подготвен. Монпелје наликуваше на „гладен волк“, точно знаеше што сака и како да нападне. Ние сторивме се што можевме, но бевме немоќни… можеби ќе беше поинаку ако Абутовиќ не го скинеше мускулот или ако Борозан не паднеше незгодно на зглобот, но сега тоа останува во минатото. Заврши една успешна епизода, сега само чекам да дојдат за да ми помогнат што поскоро да се преселам и да почнам да ја уредувам мојата куќа во Веспрем“ – истакнува Арпад Штербик.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА