Штербик: МВП наградата ми е круна на кариерата

ЕКИПА во Келн,

Стеван Цаневски, Игор Паневски

На сите им беше јасно дека за Вардар да има шанса за европската круна, Арпад Штербик ќе мора да биде на висина на задачата. А „џинот“ на голот на „црвено-црните“ одговори на најдобар можен начин, со две маестрални партии против Барселона и ПСЖ искачувајќи го македонскиот првак на врвот на Лигата на шампионите.

За своите одлични изданија Штербик се закити со МВП признанието за најкорисен играч на овој фајналфор турнир, награда што му е бескрајно драга на искусниот голман.

Бев дел од девет финалиња во ЛШ или Ф4 турнири, ова ми е четврта титула, но оваа МВП награда ја добивам за првпат во животот. Ова признание ми е круна на кариерата – чувството е неверојатно“ – прокоментира голманот кој пред три години дојде во Вардар од редовите на Барселона.

А токму полуфиналето против неговиот поранешен клуб според Штербик било клучно за „вардарци“ да го воочат сиот потенцијал што го поседуваат.

Откако ја победивме Барса, во очите на сите ракометари ја видов вербата во нашиот квалитет, вербата дека можеме до титулата. Сите наши млади играчи, кои никогаш досега немаа освоено ваков трофеј, сите до еден одлично си ја завршија работата. Клучно сепак беше што функциониравме како тим“ – порача Штербик, првиот голман што стигна до МВП-наградата на еден фајналфор турнир од Лигата на шампионите.

Се вчитува...