Штета: Македонија промаши пенал за победа над домаќинот Алжир

Македонија ремизираше 24-24 против домаќинот Алжир во второто коло од ракометниот турнир на Медитеранските игри. Вистинска штета, ако се знае дека Македонија во самиот финиш имаше шанса да победи, но Џонов не успеа да реализира пенал на четири секунди до крајот. Алжирците настапија со сениорски состав наспроти подмладената македонска репрезентација, која покажа и квалитет и карактер, што за жал не беа наградени со нова победа.

Мечот почна одлично за нашата селекција, Гогов бранеше одлично на голот, Јагуриновски беше најистакнат во нападот и Македонија го контролираше резултатот во голем дел од првото полувреме. Алжирците се вратија пред крајот на полувремето, на одмор се замина со израмнети 15-15, a домаќините потоа подобро го отворија вториот дел и стигнаа до солидна предност. Влегувањето на Кизиќ на нашиот гол ја врати сигурноста во одбраната, Македонија успеа да се врати, а потоа со серија добри реализации и да поведе со 19-22.

Сепак, концентрацијата на нашиот млад состав падна кога беше најважно, во самата завршница. Алжирците успеаја да ја истопат нашата предност, Македонија имаше шанса за триумф при 24-24, но Џонов од седум метри не успеа да го совлада Калифа Гедбан откако екс-голманот на Вардар го запре неговиот удар.

Се вчитува...