Вардар го претрпе и третиот пораз во низа во Лигата на Шампионите откако македонскиот првак вечерва загуби на домашен терен од Кил со резултат 26-29. „Црвено-црните“ имаат за што да жалат особено по одличното прво полувремево кое имаа три гола предност, но не успеаја да го издржат темпото и во вторите 30 минути. Кил и без Сагосен и Вајнхолд успеа да најде начин да го освои СЦ „Јане Сандански“, пред се благодарение на одличниот Ландин, но и серијата грешки на „вардарци“во нападот во второто полувреме, што беа казнувани со лесни голови во празна мрежа на спротивната страна.
Извонредната партија на Мартин Томовски беше најавена со одбранетиот пенал во првата минута на Екберг, по што македонскиот репрезентативец продолжи со серија бравурозни интервенции, запирајќи и два контранапади на германските крила. Одличните одбрани на Томовски не беа наградени со реализација на спротивната страна, па двата промашени зицери на Тото му овозможија на противникотекспресно да се врати. Вујовиќ зеде тајмаут при 3-3, долго време се играше израмнето,за пред самиот крај на полувремето „вардарци“ предводени од Томовски и од Дибиров да поведат со убедливи 13-10.
Кил полесно го наоѓаше патот до мрежата на „вардарци“ на стартот од второто полувреме, благодарение на ударите од место на Дувњак и на Зарабец, намалувајќи го водсството на „црвено-црните“ на 15-14. Јиха се обиде со „седум на шест“, но веднаш следеше украдена топка на Оливие Нијокаси гол во празна мрежа за 18-15. Кил експресно се врати,па преку Дувњак во 41. минута гостите го израмнија резултатот на 18-18. Моралес ја погоди гредата, а на спротивната страна прецизен беше Пекелер, по подолго време носејќи водство на Кил(18-19).
Вујовиќ побара тајмаут, но во првиот напад следеше лошо додавање за цепелин и гол во празна мрежа за Кил (18-20). Серијата погодоци на противникот ја запре Дибиров, а при резултат 20-21 Вујовиќ на голот го уфрли Борко Ристовски на местото на Томовски. Тоа не вроди со плод, проблемите со нападот продолжија, а Кил го искористи тоа и поведе со 20-23. Тренерот на Вардар го зеде последниот тајмаут при 21-24, но следеше ново промашување, по што Германците постигнаа уште еден гол во празна мрежа.
„Вардарци“ се приближија до 23-25, имаа и играч повеќе при 24-26, но кога беше најважно Дувњак испрати проектил од десет метри и ја врати предноста на гостите на три гола (24-27). Последната шанса за камбек пропадна кога Вардар играше одлична одбрана при 25-27, за Кил на работ на пасива да изнуди исклучување и пенал, по што Екберг ја осигура победата, на крајот изразена со конечни 26-29.
Тимур Дибиров беше прв стрелец со десет погодоци, но Русинот немаше соодветна помош во нападот, бидејќи немаше стрелец на Вардар со повеќе од два погодоци (Тото, Моралес, Талески, Стоилов, Оливие Нијокас и Гаџа постигнаа по два гола).
Дувњак со седум и Екберг и Пекелер со по шест погодоци беа најефикасни во таборот на Кил во денешниот триумф во Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА