ШТЕТА: Во самиот финиш потклекнавме пред Италија

Македонија не успеа да приреди изненадување на премиерниот меч во Перм откако во драматична завршница нашите кошаркари загубија од Италија со резултат 84-92. Вистинска штета, ако се знае дека пред крајот на полувремето имавме „плус осум“ и напад, дека до пред крајот на мечот париравме на лидерот на табелата, кој дури во завршните три минути го скрши отпорот на избраниците на Александар Тодоров. Три четвртини нашата одбрана беше сосема солидна, но во последните десет минути му дозволивме на фаворитот да влезе во ритам, Италијанците во четвртиот период постигнаа дури 29 поени и на тој начин стигнаа до својата четврта победа во низа во овој квалификациски циклус.

Македонија го почна мечот со две извонредни реализации на Американецот Вајли, особено атрактивна беше онаа втората кога дебитантот во нашиот национален тим со атрактивен цепелин на асистенција на Војдан Стојановски го растресе кошот на Италијанците. Противникот за момент се одлепи и поведе со 11-16, но Македонија предводена од Ненад Димитријевиќ успеа да се врати резултатски. Првата четвртина заврши 23-25 за Италија, за потоа нашите кошаркари во голем дел од втората четвртина да имаат предност во однос на противникот.

Бојан Трајковски погоди две тројки и донесе пресврт, одбраната беше на висина на задачата, а своето шоу го продолжи и Димитријевиќ, кој до крајот на полувремето стигна до 19 поени. Македонија имаше и најубедливи осум поени предност на една минута до крајот на полувремето и напад, но „аѕурите“ успеаја да се вратат, постигнаа две тројки и на одмор се замина со минимални 43-41 за Македонија.

Третата четвртина почна со уркдена топка, потоа и тројка на Војдан Стојановски, но „аѕурите“ влегоа во шутерски ритам, погоди три тројки за две ипол минути и поведоа со 48-51, принудувајќи го селекторот Тодоров да побара тајмаут. Карактерот на нашиот национален тим повторно се покажа на дело, наскоро го консолидиравме нападот, почнавме да го контролираме и скокот во одбрана, па со првата тројка на Дамјан Стојановски стигнавме и до водство од 62-61. Во последната минута промашивме и три слободни фрлања, но сепак во четвртата четвртина Македонија влезе со предност од 64-63.

Центарот Бојан Крстевски погоди тројка во првиот напад од последниот  периот, носејќи водство од 67-63, но Италија возврати со седум поени во низа, за предност на „аѕурите“ од 67-70. „Аѕурите“ имаа и 67-72, но Вајли ја прекина нивната серија, а потоа Трајковски ја погоди и третата тројка на мечот, израмнувајќи на 72-72. Центарот Теситори ни создаваше многу проблеми во последната четвртина, но Македонија не се предаваше, па со третиот цепелин на мечот на Вајли намаливме на 82-81. Ричи погоди тројка преку рака, Трајковски промаши на спротивната страна, па со новата тројка на Канди италијанските кошаркари поведоа со 81-88, на нешто повеќе од две минути до крајот.

По тајмаутот на селекторот Тодоров, Димитријевиќ не реализираше во следниот напад, згора на тоа доби и техничка грешка, со што беше ставен крај на надежите за камбек, па Македонија на крајот го загуби овој меч со 84-92.

Ненад Димитријевиќ беше најефикасен со 24 поени и 12 асистенции, Вајли постигна 17, а Војдан Стојановски 15 поени за нашиот национален тим. Една од причините за поразот сигурно лежи во слабата реализација на слободните фрлања (19/28), како и одличната реализација на противникот од далечина (40% за тројка).

Следен предизвик за Македонија во овој квалификациски циклус е утрешниот дуел со домаќинот Русија.

Се вчитува...