Фудбалската репрезентација на БиХ го искомплицира патот до нокаут фазата на Светското првенство по тешкиот пораз (1-4) од Швајцарија во второто коло од Групата Б.
По два одиграни натпревари, Босна и Херцеговина има еден бод, по ремито со Канада (1-1), додека Швајцарија и Канада се на врвот на групата со по четири бода. Катар исто така има еден бод, но значително полоша гол-разлика.
Затоа, пресметката за последното коло е сосема јасна – БиХ мора да го победи Катар.
Победата би донела четири бода, што речиси сигурно би било доволно за пласман меѓу осумте најдобри третопласирани репрезентации кои одат во нокаут фазата.
Сепак, постои и сценарио во кое Босна и Херцеговина би можела дури и да заврши втора во групата.
За тоа е потребно Швајцарија да ја победи Канада во последното коло, додека БиХ да го победи Катар. Во тој случај, Швајцарија би завршила прва со седум бода, додека Канада и БиХ би имале по четири.
Бидејќи Канада и Босна и Херцеговина одиграа нерешено во меѓусебниот дуел (1:1), вкупната гол-разлика би го решила второто место.
Ситуацијата во моментов е многу поповолна за Канаѓаните, кои имаат гол-разлика од +6 (7-1), додека БиХ е на -3 (2-5). Затоа убедлива победа против Катар би и одговарала на Босна и Херцеговина, заедно со евентуален пораз на Канада против Швајцарија.
Доколку Канада остане непоразена со Швајцарија, БиХ повеќе не може да стигне до второто место, но сепак би можела да помине како една од најдобрите третопласирани селекции – под услов да го победи Катар.
Секако, доколку Босна и Херцеговина претрпи дебакл и загуби од Катар, ќе биде елиминирана од Светското првенство. Дури и нерешено потенцијално ја исфрла од првенството во рангирањето на третопласираните.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
