Што ќе се случи со Серија А: Три можни сценарија за крај на сезоната

Спортот на Апенинскиот Полуостров е целосно блокиран, фудбалската федерација инсистираше Серија А да продолжи, но со одлуката на Олимпискиот Комитет и на Владата на Италија сега сите спортски настани до 3 април се откажани.

Прашање е дали сезоната ќе може да продолжи по 3 април или ќе следи ново одложување, но дури и доколку шампионатот стартува следниот месец, прашање е како би се нашле термини за сите одложени средби.

Според весникот „Ла Република“, можни се три сценарија со кои би била финиширана оваа сезона.

Италијанците би можеле да побараат од УЕФА рок за пролонгирање на сезоната. Проблем е што ЕВРО 2020 треба да стартува во јуни, па сезоната во Серија А мора да заврши до 24 мај. Сепак, доколку ситуацијата со коронавирусот наскоро не се смири можно е и европскиот шампионат да се одложи, а со тоа италијанското првенство би можело да се финишира во текот на месец јуни.

Втора опција е финиширање на сезоната со згуснат распоред во последниот месец, но прашање е како би се нашле термини за клубовите кои ќе играат во европските купови (Јувентус, Аталанта, Рома). Би морале да се играат и по три натпревари неделно, а финалето на Купот на Италија би било одложено за август.

Третата и најлоша варијанта е првенството буквално да се прекине и да не се игра фудбал до крајот на сезоната. Во тој случај скудетото не би било доделено, туку само би биле одредени клубовите кои би играле во европските купови следната сезона, согласно моментниот изглед на табелата. Никој не би испаднал од лигата, а би влегле два тима од Серија Б, што значи дека во следната сезона во елитното италијанско друштво би настапувале 22 екипи.

Се вчитува...