Што се случува со Меси – ја загуби топката 23 пати за 90 минути во Мадрид

Лионел Меси сезонава е бледа сенка од големиот ас, мегаѕвездата што со еден единствен потег ги решаваше големите натпревари на Барселона и им носеше радост на навивачите на каталонскиот гигант. Доказ за тоа се бројките од синоќешното дерби со Атлетико Мадрид, на кое Аргентинецот беше еден од најслабите поединци на натпреварот.

Педантните статистичари пресметаа дека Меси ја загубил топката вкупно 23 пати на „Ванда Метрополитано“, огромна бројка за само 90 минути игра. Наспроти тоа, тој имал само 36 прецизни додавања до соиграчите, поголемиот дел од нив на непосредна близина до него.

Станува јасно, аргентинскиот ас својата разочараност од случувањата надвор од теренот и забранетиот трансфер во Сити ја рефлектира со игри под секој просек на самиот терен. Најголем губитник во целата ситуација е Барселона, бидејќи како што стојат работите, Меси само ги брои деновите до крајот на сезонава, кога како слободен играч ќе се пресели во Манчестер Сити.

Се вчитува...