Што се случува со Жоао Феликс: Десет средби без гол за Барса

Жоао Феликс пристигна во Барселона на самиот крај од летниот преоден рок и требаше да биде големо засилување за каталонскиот гигант, поддршка за Роберт Левандовски во навалната линија на оваа екипа.

Португалецот почна извонредно, на првите три средби постигна три погодоци, но како што одминува времето, така и неговата форма сериозно се движи во надолна линија. Најдобра потврда за кризата е фактот дека на последните десет натпревари, Феликс не успеал ниту еднаш да ја затресе противничката мрежа. Тој беше стартер кај Чави на девет од овие десет средби, како резерва влезе само против Шахтјор, но делуваше крајно индиспонирано во триесетината минути што ги мина на теренот.

За волја на вистината, и среќата не му е наклонета ако се знае дека на овие десет средби Феликс три пати ги затресе диреците од противничките голови, но не успеа да ја смести топката во мрежата.

Едно е сигурно, Барса се наоѓа во мини-криза, а Феликс е еден од оние кои поседуваат квалитет и искуство за да ја извлечат од оваа непријатна ситуација.

Се вчитува...