Штом не сакаат акционерите, Градот ќе го спасува Пелистер но само со чиста сметка!

Се уште трае неизвесноста околу иднината на ФК Пелистер откако сосема е извесно дека нема воопшто никаков интерес од неговите сопственици за продолжување на раководењето со клубот.

Компаниите ЗК Пелагонија, Орка Холдинг, Пелистерка и Жито Битола веќе сосема извесно се повлекуваат од клубот по само една година, но од Општина Битола најавуваат дека нема да ја остават на цедило гордоста на битолскиот спорт. Во план е Општината повторно целосно да го преземе клубот, но само со чиста сметка.

„ФК Пелистер е најболната спортска тема во Битола. Ние сигурно нема да го оставиме клубот на цедилот. Ако актуелните акционери не сакаат или не можат да продолжат, тогаш ние планираме да го преземеме клубот, но со чиста сметка. ФК Пелистер во моментов должи 215.000 евра… Во секој случај, Општина Битола нема да дозволи испаѓање на Пелистер од прволигашкото друштво“ – вели претседателот на Советот на општина Битола, Валентин Груевски.

Груевски истакна дека за следната година во буџетот на оптшина Битола е планирана ставка за спортот од 550.000 евра, што е досега најголема за општината. Планирана е стабилизација и на ракометниот и на кошаркарскиот клуб.

Според програмата на општината следната година ќе бидат завршени и активностите околу реконструкцијата на стадионот „Тумбе кафе“ за што се обезбедени 1,3 милиони евра. Во тој дел комплетно ќе биде реконструирана трибината и службените простории, а ќе бидат изградени и монтажни трибини зад головите.

До стартот на зимските подготовки на ФК Пелистер најавено е дека целосно ќе биде разјаснета ситуацијата од клубот, со што фудбалерите ќе можат да реализираат мирни подготовки. Иако е сосема јасно дека „зелените“ ги очекува „кадровски егзодус“ по заминувањата на поголемиот дел од најдобрите фудбалери.

Се вчитува...