„Штрковите“ рутински ја прелетаа Струмица

МЗТ Скопје ја забележа 14. победа во Првата кошаркарска лига откако во последниот натпревар од 16. коло славеше на гостувањето кај Струмица со 63-88. Дебитантот на моменти успеа да му парира на актуелниот шампион, но „штрковите“ рутински си ја завршија својата задача на истокот на Македонија.

Подобрата реализација на МЗТ Скопје во финишот на првата четвртина му донесе предност на скопскиот состав од 17-25, а добриот ритам продолжи и во втората четвртина во која гостите стигнаа и до највисоките +17 (17-34). Сепак опуштањето на избраниците на Николиќ го искористија струмичани кои до полувремето намалија на 39-46.

МЗТ Скопје ја врати контролата на мечот уште на стартот на второто полувреме. Преку Бојан Крстевски стигна до нова двоцифрена предност, а овој пат истата ја задржа и до крајот на мечот. По три четвртини игра на семафорот стоеше резултат 49-66 по што лидер на табелата немаше проблеми рутински да приреди крај против „фенерџијата“.

Со 15 поени, 8 скока и 5 асистенции Крстајиќ беше лидер на Струмица, додека него го следеше Обиквели со дабл-дабл од 11 поени и 12 скока. Со 29 поени и 9 скока МЗТ Скопје го предводеше Кук, а 14 поени и 4 скока додаде Крстевски.

Се вчитува...