Шут-карта за Обрадовиќ, Црвена Звезда го враќа стариот тренер

Саша Обрадовиќ се покажа како огромно разочарување за управата и навивачите на Црвена Звезда, откако „црвено-белите“ имаат очајна сезона во Евролигата и покрај сериозните вложувања во играчкиот кадар. Поради ова, донесена е одлука за тренерска смена кај шампионот на АБА-лигата, Обрадовиќ ќе го напушти кормилото на Црвена Звезда, а негов наследник на клупата на белградскиот тим ќе биде Дејан Радоњиќ.

Станува збор за стратег што ја предводеше Црвена Звезда во периодот од 2013 до 2017, сезони во кои „црвено-белите“ освоија три титули шампион на Србија, прекинувајќи ја доминацијата на Партизан на српската кошаркарска сцена. Радоњиќ по заминувањето од Црвена Звезда имаше успешна авантура како тренер на Баерн Минхен, од каде на крајот му беше врачен отказ токму по поразот од поранешниот клуб.

Српските медиуми јавуваат дека сите детали се веќе договорени и Радоњиќ во следните 48 часа и официјално ќе биде именуван во нов предводник на „црвено-белите“. Предизвикот пред овој стручњак ќе биде огромен, пред се ако се знае дека ќе наследи тим што самиот тој го нема селектирано, речиси целосно променет во однос на неговата претходна авантура во Црвена Звезда.

Белградскиот клуб моментно се наоѓа на претпоследното место во Евролигата со пет победи и единаесет порази во стартните 16 рунди. Радоњиќ ќе се врати на клупата на „црвено-белите“ на домашниот натпревар против Панатинаикос, закажан за 30 декември.

Се вчитува...